Најдобар проект

06.02.2015

Со цел да се поттикне иницијативата за поквалитетна испорака на услугите кои ги даваат институциите, воспоставена е годишна награда за најдобро спроведен проект. Наградата е наменета за работни групи, тимови, одделенија, сектори и институција, а се фокусира на успешно спроведена кампања, проект, идеа, програма и сл. Воведување на една ваква награда во јавниот сектор значи признание за вложеното, за напорите, и за севкупното работење на институцијата. Тоа секако ќе поттикне и еден вид конкурентност помеѓу институциите.

За најдобар проект за 2013 година беше прогласен проектот „Електронски систем на јавни набавки“ на Бирото за јавни набавки.

undefined

За најдобар проект за 2014 година е предложен проектот Електронски  Шалтер – Екат Шалтер од Агенцијата за катастар на недвижности.

Со воспоставувањето на електронскиот катастар се создадоа предуслови за креирање на нова апликација – електронски шалтер (е-кат шалтер) чија цел е да се поедностават процедурите, начинот и времето на доставување на документацијата и да се намали потребата за доаѓање на шалтерите, со што се намалува метежот на шалтерите. На тој начин им се овозможи на граѓаните и на правните лица, покрај постојните 110 катастарски шалтери, достапност на услугите на катастарот на дополнителни 521 шалтер, лоцирани кај професионалните корисници. Преку електронскиот шалтер е овозможен едношалтерскиот систем за катастарските услуги за граѓаните и правните лица што е во согласност со владиниот проект „Е-услуги“.

Со овој проект, Агенцијата за катастар на недвижности овозможи целосна електронска комуникација со професионалните корисници на услугите на катастарот, односно нотари, геодетски компании, општини, извршители и други. Преку нив и граѓаните и фирмите добија значително подобрена услуга за целокупната активност на прибирање на потребната документација од Катастарот, нa пример, за да се изработи купопродажен договор или да се впише хипотека за одобрување кредит од банка, сето тоа го извршува нотарот од својата канцеларија во реално време. Со ова се избегнува можноста граѓанинот, односно правното лице, да оди на шалтерите во Катастарот за да ја прибави потребната документација, се избегнува можноста да оди кај нотарот за да се склучи договорот и на крајот да дојде во Катастар да побара запишување на договорот, за да може да извади имотен лист по неколку дена, согласно со законските рокови. Целокупната процедура задолжително се завршува од страна на нотарот кој на крајот го известува својот клиент за новиот имотен лист, без граѓанинот да има потреба да доаѓа во Катастар. Исто така, општините за секое запишување на новоизграден објект имаат задолжителна обврска преку електронскиот шалтер да ја достават потребната документација и да извршат запишување на новоизградениот објект без притоа инвеститорот да има потреба да доаѓа во Катастар.

Во однос на приватните геодетски фирми се изврши комплетна промена на начинот на изготвување на геодетските работи која сега е поедноставена, забрзана и со повисок квалитет. Денес приватните геодетски фирми преку електронскиот шалтер ги добиваат сите потребни податоци за изготвување геодетски елаборати, вршат контрола на квалитетот на изработениот геодетски елаборат и истиот по електорнски пат го доставуваат до Катастарот.

Во моментов сите нотари, геодетски фирми, општини, извршители, како и дел од министерствата, банките, проценителите и други субјекти чија дејност е поврзана со катастарот, преку електронскиот шалтер се поврзани со Агенцијата за катастар на недвижности и имаат можност да поднесуваат пријави за запишување во катастарот на недвижности, како и да издаваат податоци и документи во име на Агенцијата (имотни листови, извод од дигитален катастарски план и други продукти).

На овој начин, преку електронскиот шалтер, денес се процесираат 27% од вкупниот број предмети, со тенденција на брзо зголемување на овој процент на електронски примени предмети. Агенцијата за катастар на недвижности досега има над 521 професионален корисник на електронскиот шалтер.

Регистрирај се за е-билтен

Добивај ги најновите информации на твојот е-маил