Општи начела

    Начело на законитост - Вработените во јавниот сектор ги вршат работите и работните задачи во согласност со Уставот, закон, други прописи донесени врз основа на закон и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

    Начело на еднакви услови, еднаков пристап до работно место, соодветна и правична застапеност - Институциите, согласно начелото на еднакви услови и еднаков пристап за сите заинтересирани кандидати до работното место, имаат обврска слободните работни места и условите за нивно пополнување да ги огласуваат преку интерен, односно јавен оглас. Институциите имаат обврска да ги планираат вработувањата согласно нивните потреби, а врз основа на Методологијата за планирање на вработувањата во јавниот сектор согласно начелото за соодветна и правична застапеност.

    Начело на стручност и компетентност - Вработувањето во јавниот сектор се врши преку објавување на јавен оглас, при што во транспарентна, фер и конкурентна постапка на селекција, се избира најстручниот и најкомпетентниот кандидат за работното место.Унапредувањето во јавниот сектор, се врши преку објавување на интерен оглас, при што во транспарентна, фер и конкурентна постапка на селекција, во која врз основа на оценката за учинокот, стручноста и компетентноста на кандидатите, се избира најдобриот кандидат за работното место од редот на вработените во институцијата.Постапката на селекција се утврдува со закон, а се состои од проверка на поднесените докази за исполнување на условите за работното место, полагање на квалификациски тестови во хартиена или во електронска форма, организирање на интервјуа, и/или други форми на проверка на кандидатите.

    Начело на управување со учинокот на вработените - Институциите се должни да воспостават процедури за управување со учинокот на вработените преку негово континуирано следење и оценување и предлагање мерки за негово подобрување. Оценката за учинокот е мерка за придонесот на вработениот за ефикасно и ефективно функционирање на институцијата која се мери преку квалитетот,динамиката, почитувањето на роковите, нивото на исполнување на работните цели и задачи, сервисната ориентација, професионалноста и однесувањето на вработениот, како и преку други критериуми од интерес за институцијата. Оценката е основ за: зголемување или намалување на платата на вработениот, утврдување на парична или друг вид материјална или нематеријална награда, унапредување или распоредување на работно место на пониско ниво, или прекинување на работниот однос, на начин и во постапка утврдена со закон.

    Начело на сервисна ориентираност - Вработените во јавниот сектор работите и работните задачи ги вршат квалитетно, одговорно, стручно, навремено и совесно, согласно правилата на професијата и роковите и постапките во согласност со закон. Tие се сервисно ориентирани, односно активни, иновативни, кооперативни и флексибилни со цел ефикасно и ефективно остварување на правата и на интересите на странките, со истовремена грижа за јавниот интерес. Исто така должни се да обезбедат соодветно упатување на странките кон надлежните служби, заради остварување на нивните права и интереси.

    Начело на професионална етика, непристрасност и објективност - При извршувањето на работите и на работните задачи, вработените во јавниот сектор задржуваат високи стандарди за личен интегритет, професионална етика и грижа за заштита на јавниот интерес и се придржуваат до актите кои ги уредуваат овие стандарди. Вработените во јавниот сектор при вршењето на работите и на работните задачи обезбедуваат непристрасна и објективна примена на законите и другите прописи, при што на граѓаните и на правните лица им овозможуваат заштита и остварување на правата, а тоа да не биде на штета на други граѓани и правни лица, ниту во спротивност со јавниот интерес, утврден со закон. Тие работните задачи ги вршат политички непристрасно, без влијание на своите политички уверувања и лични финансиски интереси и ги почитуваат целите, интересите, угледот и интегритетот на институциите во кои се вработени.

    Начело на транспарентности доверливост - Вработените во јавниот сектор при вршењето на работите и на работните задачи се должни да обезбедат пристап до информации од јавен карактер , на начин и под услови утврдени со закон. Во извршувањето на работите и на работните задачи на работното место, со личните, службените и класифицираните податоци постапуваат на начин и под услови утврдени со закон.

    Начело на одговорност - Вработените во јавниот сектор одговараат пред институцијата во која се вработени за последиците од нивното постапување, непостапување или одлучување, односно неодлучување, како и за квалитетот, навременото и ефикасно извршување на доверените надлежности. 

    Начело на спречување судир на интереси - Вработените во јавниот сектор не го доведуваат личниот материјален и нематеријален интерес во судир со јавниот интерес, и со нивниот статус кој може да предизвика судир на интереси, во согласност со одредбите на овој или на друг закон.

    Начело на економично користење на средства - Вработените во јавниот сектор материјалните средства, опремата и другите средства за работа ги користат на економичен, разумен и ефикасен начин.

Регистрирај се за е-билтен

Добивај ги најновите информации на твојот е-маил