Класификација на работни места

    Со Главата IV од Законот за административните службеници се регулира класификацијата на работните места на административните службеници, односно се утврдуваат четири категории административните службеници: секретари (категорија А), раководни административни службеници (категорија Б), стручни административни службеници (категорија В) и помошно- стручни административни службеници (категорија Г).

    Класификацијата на работни места се врши согласно одговорноста, целите, видот и сложеноста на работните задачи и потребните стручни квалификации, работното искуство во струката, општите и посебните работни компетенции и други критериуми од значење за работното место.

    Oпштите работни компетенции се утврдуваат во рамката на општи компетенции за административни службеници, а критериумите од значење за работното место се утврдуваат како посебни услови за работното место во актот за систематизација на работни места на институцијата.

    Во рамките на категорија А се утврдуваат 5 нивоа на работни места (А1 - државен секретар; А2 - генерален секретар; А3 - секретар на Град Скопје; А4 - секретар на општина со седиште во град и А5 - секретар на општина со седиште во село.

    Државен секретар се назначува во: министерствата, Секретаријатот за европски прашања и Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор.

    Генерален секретар се назначува во: Уставниот суд на Република Македонија, Судскиот совет на Република Македонија, Советот на јавни обвинители на Република Македонија, Народниот правобранител, Државното правобранителство на Република Македонија, Инспекцискиот Совет, Државниот завод за ревизија, Државната изборна комисија, Државната комисија за спречување на корупцијата, Комисијата за верификација на фактите, Комисијата за заштита на конкуренцијата, Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен  и Дирекцијата за заштита на личните податоци.

    Секретар на Град Скопје се назначува во Градот Скопје, а секретар на општина се назначува во општините со седиште во град и во општините со седиште во село.

    Во останатите категории се утврдуваат по x4 нивоа на работни места. За административните службеници, нивоата во рамките на категориите дополнително се опишуваат со звање и тоа: Б1 - државен советник; Б2 - раководител на сектор; Б3 - помошник раководител на сектор; Б4 - раководител на одделение; В1 - советник; В2 - виш соработник; В3 - соработник; В4 - помлад соработник; Г1 - самостоен референт; Г2 - виш референт;Г3 - референт; или Г4 - помлад референт.

Регистрирај се за е-билтен

Добивај ги најновите информации на твојот е-маил