Плата и надоместоци за плата

    Со Главата XIV се уредува платата на административните службеници при што се утврдени компонентите на платата, начинот на утврдување на вредноста на бодовите, додатоците на плата како и сите други прашања кои се однесуваат на платата на административните службеници.

    Административниот службеник има право на плата и надоместоци на плата под услови и критериуми утврдени со овој закон и/или колективен договор, освен ако со посебен закон не е поинаку уредено. Платите и надоместоците на плати на административните службеници се обезбедуваат во Буџетот на Република Македонија, во буџетите на единиците на локална самоуправа, како и од други извори на средства утврдени со закон.

    Платите на административните службеници се пресметуваат во бруто износ, а се исплатуваат во нето паричен износ еднаш месечно во тековниот месец за претходниот месец. Придонесите и персоналниот данок од доход на административниот службеник ги плаќа институцијата со исплата на платата во согласност со закон.

    Платата на административниот службеник се состои од основна компонента (дел на плата за степен на образование; дел на плата за ниво и дел на плата за стаж и исклучителна компонента) и исклучителна компонента (додаток на плата за посебни услови за работа; додаток на плата заради прилагодување кон пазарот на трудот; и/или додаток на плата за ноќна работа, работа во смени и прекувремена работа.

     

     

Регистрирај се за е-билтен

Добивај ги најновите информации на твојот е-маил