Етика во администрацијата

„Ние сме она што го правиме постојано. Извонредноста не е чин/изведба, туку навика“.Аристотел

Администрацијата има принципиелно сервисна дејност и е насочена кон обезбедување услуги за граѓаните. Државната и јавната служба имаат висока утилитарна функција, а истото се однесува и на улогата и местото на личностите во нејзините рамки. Смислата на постоењето на администрацијата е извршување на должност кон граѓаните.

Администрацијата се води од принципот на ,,добро владеење“ и претставува сложен систем од вредности кои вклучуваат: успешна организација на дејствувањето; исполнување на основната должност; брзина на акцијата; точност, прецизност и квалитет на услугата; прифатливо чинење на услугата; јасно разграничување на дејноста; коректно однесување во комуникацијата и нагласено почитување на личноста на граѓанинот.

Во процесот на менување и модернизирање на администрацијата, повеќето од развиените земји ја прифатија стратегијата на модернизирање преку процес кој нема да ги напушти традиционалните етички вредности, карактеристики за конкретно поднебје. Всушност, новите пристапи во администрацијата ја подразбираат нејзината силна сервисна ориентираност, каде што задоволувањето на потребите на граѓаните има суштинско значење. Централна карактеристика на модернизацијата на администрацијата е „воведување на пазарни механизми“ во нејзиното функционирање, каде што продуктивноста, ефикасноста и квалитетот се водечки елементи. Новата администрација не е повеќе власт, т.е. управувачка структура, туку таа ја презема улогата на партнер на граѓаните и на приватниот сектор, кој треба координирано да работи во полза на подобрување и развој на општеството во целина.

Етиката, пак, во јавната администрација не е минлива, туку претставува релативно стабилна концепција со утврдени и јасно определени вредности и норми кои во многу мала мера се флексибилни и подложни на промени. Таа се темели на неколку фундаментални принципи:

1. Професионален интегритет и непристрасност

2. Владеење на правото и принципот на законитост

3. Промовирање на јавното добро

4. Чесност и транспарентност и

5. Одговорност кон граѓанското општество

Овие императиви го сочинуваат јадрото на етичкото резонирање во администрацијата.

Повеќе информации...

Регистрирај се за е-билтен

Добивај ги најновите информации на твојот е-маил